дома Граѓански Движењето „Ниту една повеќе!“ повикува на блокада денес од 18 часот пред...

Движењето „Ниту една повеќе!“ повикува на блокада денес од 18 часот пред парк „Жена Борец“

Феминистичкото движење за слобода и правда на жените, „Ниту eдна повеќе!“ најавува блокада која ќе се одржи денес (25септември) од 18:00 часот пред паркот „Жена Борец“ во Скопје.

Се здружуваме за гласно и солидарно да зборуваме за еднаквост и живот без насилство.

Движењето е резултат на нашиот гнев – затоа што жените во оваа држава не се заштитени – и нашиот страв за тоа уште колку жени живеат во насилство или под ризик од насилство, чии крици за помош се задушени секој ден. Но, истовремено е и резултат на нашата храброст и одлучност: наместо да се плашиме која ќе биде следна, тука сме да кажеме дека нема да има ниту една повеќе!

Целта ни е да изградиме заедништво и решително да покажеме дека не може да се продолжи како досега – да покажеме надеж за иднина без насилство, но и должна правда за сите жртви кои не беа навремено заштитени.

Со блокадата сакаме да дадеме насока во која сметаме дека треба да се движат промените, но уште поважно – да оставиме простор за секој граѓанин да ни се приклучи, да каже гласно што мисли, како се чувствува и што треба да се подобри во системот. Не се потребни ниту експертиза, ниту професионално искуство – доволни се животното искуство, тагата и гневот кои сите ги чувствуваме. Преку размена во јавен простор да го канализираме нашиот колективен гнев и заедно да дискутираме за решенија наспроти институциите кои ги загрозуваат нашите животи.

Делуваме во женска солидарност за да повикаме на одговорност и промена – законска, институционална и општествена за ниту една повеќе да не биде жртва.

Ве повикуваме да ни се придружите и заедно да замислиме и изградиме поинаков свет – свет без насилство врз жени.

Со почит,

Феминистичко движење „Ниту една повеќе!“

ПредходнаДанска: Неидентификуваните дронови повеќе не се над воздушниот простор на аеродромот Алборг
СледнаДва хороскопски знаци кои никогаш не даваат втора шанса