Во градската куќа во Грац, кандидатот за градоначалник на Скопје Амар Мециновиќ и кандидатките за Советот на Град Скопје, Евгенија Станкоска и Андреа Јанков, остварија средба со градоначалничката Елке Кар, која неодамна беше прогласена за најдобар градоначалник на светот за 2023 година, се наведува во соопштението од Левица .
„Имавме исклучителна чест да разговараме со Елке Кар за теми што се исклучително важни и за Скопје: јавниот превоз, домувањето и социјалната политика. Гледавме како довербата со граѓаните се гради со чесност и транспарентност, нешто што и нам ни е секојдневен предизвик“, изјави Мециновиќ по средбата.
Според него, искуството од Грац е доказ дека левицата не само што може да победи на избори, туку и успешно и чесно да управува во интерес на обичните луѓе.
„Од примерот на Елке Кар јасно гледаме дека политиката може да служи на граѓаните, а не на крупниот капитал“, додава тој.
Елке Кар ја претвори својата функција во алатка за градење еднакво и солидарно општество. Таа воведе годишна карта за јавен превоз по цена од само 50 евра, зголеми го буџетот за образование за три милиони евра и намали сметките за струја на жителите за 25 отсто. Градот активно купува земјиште за изградба на социјални станови, инвестира во засолништа за бездомни жени и мајки со деца, и обезбедува попусти за граѓаните со низок приход во повеќе сфери – од транспорт до култура и спорт.
„Нам во Скопје ни требаат вакви примери. Нашиот град колабира под притисок на крупниот капитал, а граѓаните секојдневно чувствуваат последици од приватизацијата и запоставувањето на јавниот интерес. Примерите од Грац нè охрабруваат дека навистина може поинаку“, истакна Мециновиќ.
Во разговорот било отворено и прашањето за можноста Скопје и Грац да станат сестрински градови, преку размена на добри практики и заеднички проекти.
„Ако победиме, Грац и Скопје ќе станат сестрински градови во заедничката визија за солидарно и праведно општество“, порачува кандидатот за градоначалник на Скопје.
Елке Кар е прва градоначалничка од Комунистичката партија на Австрија, од 2021 година го води Грац, вториот најголем град во Австрија, и го претвори во пример за социјално одговорно управување, зелен развој и човечно раководење. За себе вели дека токму Јосип Броз Тито е најблиску до нејзините идеали, а јавниот интерес го става пред сè.