дома Локално Пешаците и возачите на велосипеди и тротинети од денес под нови правила:...

Пешаците и возачите на велосипеди и тротинети од денес под нови правила: нема слушалки и телефони

Од денес стапуваат во сила измените и дополнувањата на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата.

Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата потсети дека измените се насочени кон унапредување на безбедноста на најранливите категории учесници и намалување на бројот на сообраќајни незгоди предизвикани од невнимание.

Со новите правила, пешаците ќе мора да преминуваат коловоз и велосипедска патека без користење на слушалки во двете уши, мобилни телефони, таблети, смарт часовници и други уреди кои им го одвлекуваат вниманието.

Исто ограничување важи и за возачите на велосипеди, мопеди, мотоцикли, трицикли и четирицикли, освен ако користат специјализирани комуникациски уреди вградени во заштитни шлемови. Новите одредби ги опфаќаат и возачите на електрични тротинети, на кои им е забрането користење електронски уреди за време на управување.

Советот истакнува дека ваквите измени поставуваат нови стандарди за одговорно однесување во сообраќајот, со цел да се намали ризикот и да се заштитат човечките животи.

„Безбедноста на патиштата е заедничка одговорност на сите нас“, порачуваат.

Според законот, пешаците и возачите на велосипеди, мопеди и електрични тротинети кои користат слушалки на двете уши, телефони и слично при преминување на улица или велосипедска патека ќе бидат казнети со 40, односно 50 евра.

ПредходнаУченик кој побегна од училиште за да се сретне со американскиот потпретседател, стана вирален хит
СледнаМладите во ЕУ си заминуваат од домот на родителите на 26,2 години, во Македонија на 32,1 година