Најмалку 39 лица, меѓу кои 16 жени и 10 деца, беа убиени, а повеќе од 50 беа сериозно повредени на митингот што го одржа тамилскиот актер и политичар Виџај во градот Карур, во јужната индиска држава Тамил Наду, соопштија локалните власти.
„Досега, 39 лица загинаа. Никогаш во историјата на нашата земја толку многу луѓе не ги загубиле животите на митингот организиран од политичка партија и таква трагедија не треба да се случи ниту во иднина. Во моментов, 51 лице се лекува на интензивна нега“, рече главниот министер на Тамил Наду, М. К. Сталин.
Голем број луѓе се собраа на митингот како дел од турнејата на Виџај низ државата Тамил Наду, а властите проценуваат дека имало повеќе од 50.000 луѓе на мала област, објавува Индија Тудеј.
Луѓето почнаа да се онесвестуваат на преполниот митинг, а толпа луѓе почнаа да бегаат во паника додека популарниот актер кој стана политичар држеше говор.
Виџај води кампања пред државните избори што треба да се одржат на почетокот на следната година.
Неколку часа по инцидентот, Виџај објави соопштение на социјалните мрежи во кое изразува тага, но не презема одговорност за инцидентот, според индискиот портал.
„Срцето ми е скршено. Изразувам најдлабоко сочувство до семејствата на моите сакани браќа и сестри кои ги загубија животите во Карур. Се молам за брзо закрепнување на оние кои се на лекување во болница“, рече Виџај во објава на X.
„Инцидентот за време на политички митинг во Карур, Тамил Наду, е длабоко тажен“, напиша индискиот премиер Нарендра Моди на платформата X.