Министрите за надворешни работи на Египет, Индонезија, Јордан, Пакистан, Катар, Саудиска Арабија, Турција и Обединетите Арапски Емирати денес го поздравија предлогот на претседателот на Соединетите Американски Држави Доналд Трамп за прекин на војната во Газа, изразувајќи доверба во неговата способност да најде „пат кон мир“.
Во заедничка изјава, министрите ги поддржаа „искрените напори“ на Трамп и ја нагласија важноста на неговите најави, вклучително и предлогот за обнова на Газа, спречување на раселување на Палестинците и промовирање на сеопфатен мир, објави Ал Џезира.
Тие, исто така, ја поздравија изјавата на Трамп дека нема да дозволи анексијата на Западниот Брег.
Министрите ја потврдија подготвеноста на нивните земји да соработуваат со САД за постигнување сеопфатен договор што ќе овозможи неограничена хуманитарна помош за Газа, ослободување на заложниците, воспоставување безбедносен механизам што ја гарантира безбедноста на сите страни, целосно повлекување на Израел од палестинските територии и обнова на Газа.
Исто така, беше предложено Газа да се интегрира со Западниот Брег во рамките на палестинска држава, во согласност со меѓународното право.