Вработените во ЈП „Паркови и зеленило“ заедно со колегите од Флораком и Луна за денеска најавија дека ќе го блокираат сообраќајот во Скопје ако не им биде исплатена августовската плата. Од 10 до 12 часот ќе бидат затворени мостот „Гоце Делчев“ и булеварите „Илинден“ и „Партизански одреди“, како последно предупредување за решавање на проблемот.
Претседателот на СУТКОЗ, Стојанче Кашиковски, истакна дека иако од Град Скопје биле префрлени околу 23 милиони денари, сепак недостигаат уште околу 25 милиони денари само за платите во „Паркови и зеленило“, а дополнително се потребни средства и за Флораком и Луна. Тој нагласи дека претпријатието е во тешка финансиска криза и не може да ги извршува своите основни функции. Вработените веќе протестираа неколкупати во август, а плата за јули добија дури при крајот на месецот. Од денеска поради неисплатени плати над 650 работници остануваат и без здравствено осигурување, што дополнително ја влошува нивната состојба.