Сите основни и средни училишта, како и градинките на грчкиот остров Закинтос, денес беа затворени од локалните власти поради бурата што го погоди западниот дел од земјата.
Лошото време започна синоќа, бидејќи силни бури ги погодија островите, а предупредување до населението да биде особено внимателно беше испратено и во Ахаја, Илија и Месинија.
Поради лошото време, на север од Крф, автомобил што превезуваше британско семејство се заглави во калта на угорница, а противпожарната служба мораше да интервенира за да ги транспортира на безбедно место на главниот пат, објавува „Катимерини“.
Двојката и нивното дете се во добра здравствена состојба.
Се очекува овие временски услови да се прошират низ цела Грција денес и утре, носејќи обилни врнежи од дожд, локален град, силен ветер и пад на температурата, според грчкиот портал.
Општините и надлежните органи се повикуваат да останат во оперативна готовност по состанокот на Комитетот за проценка на ризици од лоши временски услови.
Генералниот секретаријат за цивилна заштита препорачува граѓаните да бидат особено внимателни и да преземат мерки за самозаштита од опасностите што произлегуваат од појава на тешки временски услови.