Во попладневните часови денеска во Скопје пристигнуваат 20-тината олдтајмери кои се дел од „Бахус класик релито“ што изминатите денови се возеше низ Македонија и Грција.
Олдтајмерите, од кои поголем дел за првпат донесени на овие простори, од 17:30 часот ќе бидат изложени во кругот на хотелот Хилтон во Скопје.
Најголем дел од овие историски возила дојдоа од западноевропските држави и од САД и поминаа 1060 километри патувајќи низ Штип, Кавадарци, Гевгелија, Охрид, Битола, Лутраки бањите и Халкидики.

Вакво меѓународно рели од премиум ранг се одржува за првпат на овие простори по примерот на релија што се одржуваат во Западна Европа.
Целта на организаторите беше да се прикаже земјава како нова дестинација за релија од овој тип и да се промовира државата како туристичка атракција.
Релито е впишано во календарот на Светската асоцијација на историски возила (FIVA) која обединува повеќе од 2,5 милиони љубители на олдтајмери од повеќе од 70 држави. Во календарот на (FIVA) има околу 20 настани од овој тип, а Бахус класик релито е едно од нив.





