Европската Унија планира да додаде уште 120 бродови за кои се тврди дека се вклучени во транспортот на руски енергетски ресурси во својот нов пакет санкции, објави денес порталот „ЕУ Обзервер“.

Според интерни документи добиени од бриселскиот портал, како дел од 19-тиот пакет санкции, ЕУ има намера да стави на црната листа уште 120 танкери за нафта за кои се тврди дека се поврзани со Русија, со што вкупниот број на бродови на листата ќе се искачи на 568.
ЕУ, исто така, подготвува правна основа за задржување на најмалку 16 „сомнителни танкери за нафта“ без знаме, доколку во иднина влезат во Балтичкото Море.
Во документите се наведува дека ова ги вклучува бродовите „Адонија“, „Апате“, „Апус“, „Акила II“, „Болу“, „Брионт“, „Етера“, „Евердин“, „Леона“, „Манаслу“, „Мира“, „Немрут“, „Омни – Евали“, „Самос“, „Тагор“ и „Тасос“.
На санкционираните танкери ќе им биде забрането да застануваат во пристаништата на ЕУ или да работат со европски компании, како што се осигурителни компании или даватели на услуги за гориво.




