„Се бориме за нашиот дом“, е силен слоган затоа што тоа е борба за секој работник, во секоја институционална сфера, во секоја област во општеството, за секој еден граѓанин во државата, порача вечерва претседателот на СДСМ, Венко Филипче на граѓанска трибина во Центар.
-Секоја политика, секоја мерка, секој ризик и храбар потег што го преземавме беше со една цел, да обезбедиме подобри услови за живот за нас и нашите деца. Се боревме и ќе се бориме за дом во кој секој ќе има свое место, дом во кој сечиј труд ќе биде вреднуван, а секоја капка пот да биде платена. Дом во кој секој човек ќе живее со достоинство, истакна Филипче и нагласи дека се борат и за дом во кој власта ги слуша граѓаните, е отчетна и одговорна.
Претседателот на СДСМ порача дека демократијата, правдата и солидарноста се светост и со нив не се прават компромиси.
Тој пред центарци ги истакна социјалдемократките вредности и дека тоа не значи само да се биде дел од партијата туку да се верува дека државата е алатка за подобрување на животот на сите, а парите на граѓаните да се вложат токму во нив. Да се верува дека политиката мора да работи за народот, а не против него.
Филипче од граѓанската трибина во Центар порача дека ВМРО-ДПМНЕ зборува за загари и орли додека младите се селат. Испрати порака дека е жално што зад црната кампања не се крие само неспособна власт, туку власт која не сака напредок, не сака дијалог и не сака компромиси. Тој исто така рече дека ВМРО-ДПМНЕ со ваквото владеење е непријател на државата.
-Тоа е власт која се храни и одржува од внатрешни поделби, од сиромаштија која ја контролира со корупција и од хаос во кој се создава апатија. Ова е целта. Но јас во нивната кал нема да влегувам, туку ќе продолжам да ги разобличувам. Нека се препелкаат во национализмот, во лажниот патриотизам и во својата неспособност самите тие. Ги слушам, едните биле загари и орли, другите за врапчиња и што уште не. Театар за деца, истакна Филипче.
ЗА подмолните обиди на ВМРО-ДПМНЕ за поделба на граѓаните, секојдневните етикетирања на опозицијата како „предавници“, според Филипче, режимските практики се доблестите кои и оваа влада ги носи се едни од најлошите времиња на груевизмот.
-Не е времето кратко да се види дека имаме власт отуѓена од народот, власт која партизира, узурпира и одбива да го слушне крикот на граѓаните за подобар живот и за напредок. Сведоци сме на одвратна лажна и црна кампања против СДСМ која ја водат од првиот ден власт. Оваа мизерна и ниска кампања на ВМРО-ДПМНЕ е одраз на нивната немоќ и неспобност. Но суштина е уште поболна, а тоа е дека зад кампања се кријат нивните лоши намери за иднината на оваа земја, потенцира Филипче.
Кандидатот за Градоначалник на Општина Центар од СДСМ, Горан Герасимовски, пред центарци рече дека во изминатите четири години постигнато е многу за развој на општината. и дека по четири години Центар е нова приказна.
Тој, информираше дека е изградена најдобрата градинка во Македонија, и подготвена е изградба на уште една нова.
-Ги реновиравме целосно сите училишта. На две училишта веќе поставивме фотоволтаици. Нашиот План е сите училишта и градински да имаат фотоволтаици на крововите. Нашите ученици добиваа ранци и прибори, сигурност и најдобро образование, добија униформи, а од сега ќе имаат и бесплатни здрави оброци и национална екскурзија за да ги сакаат уште повеќе и Центар и Македонија. Нашите ученици добиваат и два затворени базени и нови внатрешни и надворешни спортски терени, истакна Герасимовски.
Потенцираше дека во ова невреме за Скопје, кога граѓаните се дават во ѓубре и ефтини политички битки, решил да работи поинаку, не заради себе, туку заради граѓаните, затоа што тие не сакаат јалови кавги.
-Граѓаните не сакаат докажувања кој е полош. Не. Од такви кавги не се живее подобро, од такви политичари нема резултати. Во овие четири години се водев од основните човечки вредности и принципи, да работам без пардон, и да не мислам на себе. Да работам чесно. Да работам одговорно. Да давам отчет цело време. Да работам за сите. Да ги слушам сите. Да обединувам. Да не ги делам луѓето. Да мислам за сите искрено, да помагам на сите. Да бидам достапен за сите. Така почнав од самиот почеток, така живеев и работев секој ден. Сакав Центар да стане подобро место за живеење за сите, и уверен сум дека во тоа и успеавме, изјави Герасимовски.