Лондонската полиција уапси 46 лица во операција насочена кон мрежа крадци на мобилни телефони кои крадат од минувачи, и локални жители и туристи, во Лондон и ги препродаваат. Групата е осомничена за шверцување до 40.000 украдени мобилни телефони од Велика Британија во Азија во изминатата година.
Полицијата соопшти дека ова е најголемата операција досега против членови на банди кои крадат мобилни телефони во британскиот главен град, а туристите се особено ранливи, објавија француската новинска агенција АФП и британската Би-Би-Си.
„Ова е без сомнение најголемата операција од ваков вид во историјата на Обединетото Кралство“, изјави градоначалникот на Лондон, Садик Кан, додавајќи дека полицијата уапсила и водачи на шверцерски банди и „улични разбојници и крадци“.
Голема полициска истрага, наречена Операција Ехостип, започна во декември минатата година откако жртва на кражба користела услуга за следење на изгубени уреди за да го лоцира својот iPhone во близина на аеродромот Хитроу. Пребарувањето доведе до откривање на кутија со околу 1.000 украдени мобилни телефони наменети за Хонг Конг во магацин.
Полицијата соопшти дека минатата година во Лондон биле украдени повеќе од 80.000 мобилни телефони, бројка што речиси се тројно зголемена за четири години. Се вели дека главната причина е зголемената побарувачка за половни телефони, како во Велика Британија, така и во странство.