дома Македонија Шверцувале луксузни автомобили во земјава, кривична пријава против три лица

Шверцувале луксузни автомобили во земјава, кривична пријава против три лица

Три лица се осомничени за криумчарење и фалсификување исправи поврзано со шверц на луксузни автомобили во земјава.

Осомничените се дел од претходно разоткриената шема на дејствија за криумчарење луксузни автомобили од странство.

Обвинителството денеска соопшти дека дел од нив се претходно обвинети, против дел веќе се изречени пресуди, а за дел кривичниот прогон е препуштен на Бугарија, бидејќи станува збор за нивни државјани.

Со акцијата реализирана вчера под координација на јавен обвинител, обезбедени се докази кои даваат основано сомнение дека првиот новоосомничен,  во март 2022 година, преку граничниот премин Деве Баир, организирал криумчарење на автомобил Тојота ЦХР, вреден 22.500 евра, кој бил предмет на меѓународна потрага. Искористил лажни таблички и лажни исправи кои му биле изготвени од лице кое сега е веќе осудено, па го регистрирал и извадил сообраќајна дозвола за возилото.

Втората осомничена, во август 2021 година поттикнала двајца бугарски државјани да извршат криумчарење на Лексус НХ300Х, вреден 15.000 евра кој исто така бил предмет на меѓународна потрага. Автомобилот го презела осомничената со фиктивен договор за купопродажба, а потоа со лажни бугарски таблички и лажни исправи извадил сообраќајна дозвола во земјава.

Третоосомничен е управител на правно лице, кој за потребите на фирмата, на сличен начин, избегнувајќи ја царинската контрола, во државава од Бугарија внел автомобил Ланд Ровер – Рејнџ Ровер Евок, вреден 17.340 евра, со преправен број на шасија, а потоа со целосно лажни документи извадил сообраќајна дозвола за возилото.

За фалсификување службена исправа поведена е постапка и против  две службени лица кои во времето на извршување на дејствијата биле вработени во управните служби на МВР за кои постојат сомненија дека ги изготвиле и ги издале сообраќајните дозволи.

За тројцата осомничени за криумчарење побарана е мерка притвор. За едниот од нив, кој во моментов е надвор од државата, ќе биде предложена притворска мерка која ќе започне да се применува од неговото пронаоѓање и лишување од слобода.

ПредходнаТројца катарски дипломати загинаа во Египет на пат кон самитот за Газа
СледнаКампањата за локалните избори 2025 влегува во последната седмица, партиите со своите активности на терен