Грчките пратеници денес треба да гласаат за контроверзната реформа што би ѝ овозможила на централно-десничарската влада да воведе 13-часовен работен ден до 37 дена во годината под одредени услови.
Грција беше делумно парализирана двапати, на 1 октомври и вчера, од генерален штрајк против законот , кој синдикатите го нарекоа „достоен за средниот век“. Опозицијата и синдикатите се побунија против мерката, за која се залага министерката за труд и социјална сигурност Ники Керамеус, а која предвидува вработените кои работат до 13 часа на ден за истиот работодавач да добиваат дополнителни 40 проценти од нивната плата.
Во оваа земја, која се опорави од финансиската криза, но чија економија останува ранлива, таква можност веќе постои, но само ако вработениот работи за двајца или повеќе работодавачи, пишува агенцијата Франс Прес. Моменталното законско работно време во Грција е осум часа, со можност за три часа прекувремена работа.
Синдикати: Ова е влошување на веќе проблематичната ситуација
Се очекува дека само партијата Нова демократија (НД) на премиерот Киријакос Мицотакис, која е на власт од 2019 година, ќе гласа за новиот закон, но ова ќе биде доволно за реформата да помине, бидејќи оваа централно-десничарска политичка група има 156 од вкупно 300 претставници во грчкиот парламент.
Мерката би важела само „до 37 дена во годината“ и би била на доброволна основа, нагласува министерката за труд, која тврди дека дискурсот на опозицијата за 13-часовниот работен ден е „неточен и погрешен“. Керамеус верува дека ова сугерира дека „сите ќе работиме 13 часа на ден цела година“, изјави таа за телевизијата Скај.
Грците веќе имаат подолго неделно работно време од просекот во ЕУ
Во него се предупредува дека е наивно да се верува дека вработените ќе можат да одбијат да работат 13 часа „со оглед на неурамнотежениот однос меѓу работодавачот и вработениот“ и влошувањето на „несигурноста што преовладува на пазарот на трудот“. Синдикатите, исто така, предупредуваат дека ова ќе го наруши правото на 11-часовен дневен одмор, особено ако се вклучи и времето за патување до работното место.
Според Евростат, неделното работно време во Грција (39,8 часа) е поголемо од вкупниот просек на Европската Унија (35,8 часа). Грција веќе ја воведе опцијата за шестдневна работна недела, особено во случаи на голема побарувачка во сектори како што е туризмот.