Кандидатот за градоначалник на Општина Чаир, Бујар Османи, вечерва го одржа централниот митинг во Чаир на кој откри дека добил директна порака од висок претставник на Европската унија со која се потврдува поддршката од Брисел за европскиот пат на државата, но и очекување дека новата влада ќе ги спроведе уставните измени веднаш по изборите во октомври.
-Еден важен пријател од Брисел денес ме извести, и со одговорност го кажувам ова пред вас, ми рече: прашај го Али Ахмети и лидерите на НАИ дали можат да се обврзат пред Брисел дека веднаш по октомври, кога ќе се формира новата влада, ќе се обврзе за уставните измени, рече Османи.
Тој додаде дека веќе ја презел обврската пред Брисел, бидејќи, како што рече, Али Ахмети и Националната алијанса за интеграции отсекогаш биле двигатели на европските процеси во државата.
– Светот разбра дека оваа ситуација е неодржлива, и само со едно излегување на гласање на 19-ти октомври ќе постигнеме многу победи: ќе го ослободиме Чаир од канџите на корупцијата, ќе го освоиме градот Скопје, ќе ја урнеме најантиевропската и најантиалбанска влада што ја имала оваа држава, но и ќе ја урнеме мицковистичката идеја што сака повторно да воспостави моноетничка доминација овде, рече Османи.
Повика на масовна излезност во недела оценувајќи дека секој глас ќе биде глас за европска, правична и модерна држава.