Денеска се навршуваат 18 години од смртта на големата музичка ѕвезда Тоше Проески кој загина во сообраќајна незгода кај Нова Градишка на пат кон Загреб.
И годинава традиционално во негова чест се одржува маратонот од Нова Градишка до Крушево. Маратонците кои трганаа од Нова Градишка денеска се очекува да пристигнат во Крушево на вечното почивалиште на Гумење.
Тоше загина во 2007 година, а неговиот последен албум „The Hardest Thing“, беше издаден постхумно, како симбол на недовршениот сон за светска сцена.
Во текот на својата кариера издаде седум албуми, од кои повеќето беа објавени и на српски и на хрватски јазик. Последниот, „Игри без граници“, беше промовиран две недели пред трагедијата, а последниот концерт го одржа на 5 октомври 2007 година на Градскиот стадион во Скопје.
Роден е на 25 јануари 1981 година, а својот талент го покажа уште како дете, настапувајќи на фестивалот „Златно славејче“ во 1992 година, каде ја испеа песната на влашки јазик.
Кариерата ја започна со победата на „Мелфест“ во Прилеп, во 1997 година, по што настапуваше на најголемите фестивали во регионот, а во 2004 година ја претставуваше Македонија на Евровизија во Истанбул. Истата година беше именуван за амбасадор на УНИЦЕФ.