Во пресрет на сезоната на грип, интересот за вакцинација значително се зголемува ширум државата. Министерството за здравство регистрира пораст на бројот на граѓани кои се пријавуваат за вакцина против сезонски грип, при што само за еден ден беа вакцинирани речиси 20.000 лица. Министерот за здравство, Азир Алиу, лично прими вакцина во својот роден град Гостивар, испраќајќи јасна порака за важноста на навремената превенција. Надлежните институции потврдуваат дека со секоја измината година расте свеста кај населението, особено кај ризичните категории граѓани, кои имаат пристап до бесплатна вакцина.
Министерот за здравство Азир Алиу денеска беше во гостиварскиот Центар за Јавно здравје и потврди дека има подобрување на бројот на заинтересирани граѓани кои сакаат да се превенираат со вакцината за превенција од грип.
– На ниво на државата има 49.530 пријавени граѓани коишто сакаат да се вакцинираат. До вчера на ниво на држава 19.500 се веќе вакцинирани. Само во Гостивар се вакцинирани над 80 граѓани, така што трендот на подобрување за заштита од сезонскиот грип секоја година се подобрува што е позитивно и ние ќе продолжиме, како министерство, да работиме во насока на подобрување на превенција на граѓаните од сезонскиот грип – рече Алиу, кој во одделението за епидемиологија во Гостивар прими вакцина против сезонски грип.
-Денес сум во мојот роден Гостивар, каде се вакцинирав и преку личен пример сакам да ја истакнам важноста од навремената вакцинација, како најефикасна превентивна мерка за заштита на здравјето. Апелирам граѓаните навреме да се заштитат од сезонскиот грип, посебно ги повикувам лицата, кои спаѓаат во ризични групи население да се пријават преку апликацијата vakcinacija.mk или кај својот матичен лекар, истакна при посетата министерот.
Тој кажа дека оваа година се набавени рекорден број на вакцини, 80.000 од реномираниот производител Абот и смета дека вакцините ќе се употребат во предвидениот временски рок.
Епидемиологот Зорица Зафировска од службата за вакцинација во гостиварскиот Центар за јавно здравје нагласи дека вакцинацијата против сезонски грип е започната, како и на ниво на целата држава.
-Кај нас во Гостивар започна од вчера и од пријавени 108 пациенти, вакциниравме 80 отсто, кои дојдоа за вакцинација. Интересот е сè поголем секоја година, што укажува на фактот дека се подига свеста на населението, рече Зафировска.
Таа посочи дека станува збор за бесплатна вакцина која ги опфаќа пациентите над 65 години, бремените жени, деца од 6 месеци до пет години, здравствени работници.