Австрија ќе го поддржи најновиот пакет санкции на Европската Унија против Русија, објави Ројтерс, менувајќи ја својата претходна позиција и отстранувајќи ја клучната пречка пред гласањето на почетокот на следната недела.
„Австрија го поддржува континуираниот притисок врз Русија и ќе го одобри 19-тиот пакет санкции во понеделник“, се вели во соопштението на Министерството за надворешни работи на земјата.
Министрите за надворешни работи на ЕУ ќе се состанат во Луксембург во понеделник со надеж дека ќе го финализираат 19-тиот пакет санкции на блокот против Москва поради нејзината инвазија во Украина.
Ројтерс претходно овој месец објави дека пакетот е блокиран бидејќи Австрија побарала ЕУ да одмрзне дел од руските средства за да ја обештети австриската „Рајфајзен банк интернешнл“ за санкциите што ги воведе Русија.
Пакетот санкции вклучува низа енергетски и финансиски мерки, вклучително и забрана за руски течен природен гас од 1 јануари 2027 година, а датумот е поместен од 1 јануари 2028 година.
Словачка , исто така, изрази резерви во врска со ова прашање, но се очекува Европската комисија (ЕК) да објави писмо во понеделник во кое треба да се осврне на загриженоста.