дома Култура „Фрагментирани реалности” мултимедијален проект на Страхил Петровски во КИЦ Скопје

„Фрагментирани реалности” мултимедијален проект на Страхил Петровски во КИЦ Скопје

„Фрагментирани реалности“ е насловена изложбата на мултимедијалниот уметник Страхил Петровски која ќе биде отворена вечерва во двата салони на Културно информативниот центар Скопје со почеток во 20 часот. Куратор на изложбата е историчарката на уметност, Маја Чанкуловска Михајловска. Љубителите на уметноста ќе можат да ја разгледаат продукцијата на Петровски, создадена изминатава година која вклучува просторна инсталација, дела на хартија и ready-made објекти и видео инсталација поставени во двата во салони.

– Проектот пред сè е моја субјективна реакција и рефлексија на она што ми (ни) се случува во ова проблематично и турбулентно време (и години наназад), време на конфликти, од секаков тип, политички превирања и разлики. Време на изместени вредности, бескрупулозност, континуиран страв и притисок од сите страни, хаос кој речиси секогаш е неповратен, време на кризи и војни кои влијаат на виталноста на целата планета. Во тој контекст изложбата нема за цел да ги реши проблемите, туку да генерира прашања, проблеми на свеста и совеста, да ги истражи основните вредности на нашето постоење (онтолошкото во нас како битија), слободата, напредокот, цензурата, самоцензурата – преминувајќи во фрази кои се спротивставуваат на овие принципи и ја ставаат под ризик слободата на човештвото, пишува уметникот Петровски.

Тој го претставува своето наталожено искуство и став за влијанието на колективната и особено лична одговорност. Во проектот, уметникот експериментира и се изразува преку делата фотографија и видео како медиуми кои имаат повеќеслојно значење, иницираат прашања и нудат различни толкувања на размислите кои се однесуваат на егзистенцијалното, при тоа позиционирајќи се себе си како автор и ангажиран критичар на реалноста на современото општество. Петровски годинава се претстави со просторна инсталација и перформанс „Гласови“ во синагогата во Братислава, Словачка со о фотографската и видео инсталација „Мементо мори“; во Уметничката галерија во Куманово. Наредниот месец ќе излезе и публикацијата од проектот од минатата година „Синергија во времето“, поставен во Велес.

Кумановецот Страхил Петровски е претставник на средната генерација визуелни и мултимедијални уметници. Завршил постдипломски студии по сликарство на Факултет за ликовни уметности во Скопје, член е на ДЛУМ и ИКОМ. Ова е негово 20-то самостојно претставување, а изложувал во европски и светски метрополи и во државата. Работи како советник конзерватор – реставратор во НУ Национален конзерваторски центар – Скопје и како Доцент по предметите фотографија и мултимедија на Факултетот за арт и дизајн при Европски Универзитет, Скопје.

ПредходнаТехничка влада сто дена пред изборите ќе има, да се укине треба за идни изборни циклуси
СледнаИнстаграм сега му дозволува на секој да презема јавни рилови