Коалицијата ВЛЕН победи во првиот круг во општините Чаир, Сарај, Боговиње, Теарце, Желино и во Арачиново, соопшти на вечерашната прес-конференција портпаролот на изборниот штаб на ВЛЕН, Дритон Сулејмани, посочувајќи дека денешните резултати покажуваат јасна поддршка за нова, чесна и одговорна политика.

„Во вториот круг како победници влегуваме во општините Тетово, Дебар, Брвеница, Долнени. Исто така, во втор круг оди и независниот кандидат со поддршка на ВЛЕН, Менди Ќура, во Струга“,рече тој.
Според него, Албанците од овие избори ја испратија најмоќната порака, а тоа е дека времето на Али Ахмети на политичката сцена е завршено.
„Ерата што ја држеше надежта на Албанците како заложник – заврши. Започна нова страница, политика на луѓе што работат, што слушаат и што не заплашуваат“,кажа Сулејмани.
Ги критикуваше лидерите на НАИ, Али Ахмети, Арбен Таравари и Зијадин Села, обвинувајќи ги дека со месеци се обидувале да ги држат граѓаните како заложници преку иницијативата за референдум.
„Тие се обидоа да го претворат стравот во кауза, измамата во патриотизам, а паниката во политика. Но, Албанците не без измамени. Тие добро го познаваат ова сценарио, го виделе многупати и сега дефинитивно го отфрлија“,вели тој.
На гласачите им порача дека ова не е победа на поединци, туку нивна победа, победа на луѓето што го избраа достоинството над стравот, работата пред зборовите и надежта пред измамата.
„Ние во ВЛЕН ја разбравме оваа порака како обврска. Оваа доверба е одговорност што ќе ја носиме со чесност. Промената што започна пред една година, вечерва го доби вашиот печат и од утре ќе продолжи уште посилна, пофер и поблиску до луѓето“,рече Сулејмани.

Вечерва од партиското седиште на плоштадот „Скендербег“, Изет Меџити, кандидатот за градоначалник на Општина Чаир од ВЛЕН, му се обрати на својот политички противник Али Ахмети и му порача дека ова е момент кога мора да си поднесе оставка.
„Гласот на Албанците ве испрати во политичка пензија“,рече Меџити.