Претседателката на Европската централна банка (ЕЦБ), Кристин Лагард, денес изјави дека глобалната економија сè уште не ги почувствувала целосните ефекти од царините што ги воведе претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, нагласувајќи дека „ударот допрва доаѓа“.
Зборувајќи во емисијата на Си-Би-Ес „Face the Nation“, Лагард оцени дека во одреден момент извозниците и увозниците, кои во моментов го носат товарот на царините, ќе мора да ги префрлат трошоците на потрошувачите.
„Две третини од трошоците за царините во моментов ги сносат две страни, извозникот и увозникот, преку намалување на нивниот профит. Прашањето е колку долго ќе прифаќаат намалени маржи. Кога ќе одлучат дека повеќе не можат да го издржат притисокот, трошоците ќе паднат на потрошувачите. Само е прашање на време“, нагласи Лагард.
Лагард, исто така, изјави дека царините се еден од двата клучни фактори што доведоа до „трансформација“ на светската економија, додека вториот е забрзаниот технолошки напредок, особено во областа на вештачката интелигенција.
„Оваа трансформација е резултат на две работи. Првата се царините, кои ја променија глобалната трговска мапа, создадоа нови сојузи и ги реформираа начините на кои тргуваме едни со други. Втората е вештачката интелигенција, која влијае на сè, од управување со податоци до датирање и сè помеѓу“, изјави претседателот на ЕЦБ.
Коментирајќи ги моменталните трговски тензии меѓу Соединетите Американски Држави и Народна Република Кина, Лагард оцени дека дел од ова го претставува преговарачкото позиционирање на двете страни.
„Мислам дека треба да го сфатиме дел од она што се случува во моментов со резерва, бидејќи ова е типична преговарачка тактика, ги покажувате мускулите и велите дека сте подготвени за сè. Претерувам, се разбира, но во одреден момент ќе мора да седнат на маса, бидејќи тоа е во интерес на двете економии, без оглед на непријателската реторика“, заклучи Лагард.
Лагард, која е на чело на Европската централна банка од 2019 година, претходно беше министерка за надворешна трговија во француската влада и генерален директор на Меѓународниот монетарен фонд.