Научниците одгледувале групи клетки кои произведуваат матични клетки од човечката крв во лабораторија – откритие кое еден ден би можело да го замени дарувањето крв и да им помогне на пациентите со леукемија и лимфом.
Мали “фабрики за крв”
Тимот од Универзитетот во Кембриџ, кој стои зад овој иновативен процес, ги нарекува овие мали фабрики за крв “хематоиди”. Покажано е дека тие развиваат црвени и бели крвни клетки, исто како матичните клетки на папочната врвца. Овие структури, создадени од донирани човечки матични клетки, личат на ембриони, но немаат клучни ткива како жолчка торбичка и плацента, кои се неопходни за понатамошен развој.
Процесот на формирање на крвта
Како и вистинските ембриони, хематоидите развиваат срцеви клетки до осмиот ден кои ја активираат циркулацијата на течности, и тие почнуваат да произведуваат крв по само две недели од инкубацијата. “Беше возбудлив момент кога во садот се појави крваво-црвена боја – беше видлива дури и со голо око”, рече развојниот биолог на Универзитетот во Кембриџ, Џитеш Неупане.
Тој додаде дека ова откритие “фрла светлина врз тоа како крвните клетки природно се формираат за време на човечката ембриогенеза, нудејќи потенцијални медицински достигнувања за тестирање на лекови, проучување на раниот развој на крвта и имунитетот и моделирање на крвни нарушувања како што е леукемијата”.
Поефикасен метод
Ова е исто така поефикасен начин за создавање на матични клетки од човечката крв во лабораторија. Претходните методи беа значително побарачки и бараа редовно додавање на фактори на раст и други протеини, додека овие нови живи структури се повеќе самоодржливи. Иако хематоидите засега се само прототипови, тимот има големи очекувања за нивниот понатамошен развој.
“Иако е сè уште во рана фаза, способноста да се произведуваат човечки крвни клетки во лабораторија означува значаен чекор кон идните регенеративни терапии – кои ги користат сопствените клетки на пациентот за поправка и регенерирање на оштетените ткива”, заклучува развојниот биолог Азим Сурани, исто така од Универзитетот во Кембриџ. Истражувањето било објавено во списанието Cell Reports.