ПАВЕЛ Дуров, коосновач на популарната апликација за пораки Телеграм , понуди да го откупи францускиот кралски накит што неодамна беше украден од музејот Лувр во Париз . Дуров објави дека ќе ги донира вредните артефакти на музејот Лувр во Абу Даби, објави RT .
Да потсетиме дека во неделата, четворица крадци упаднаа во најпознатиот париски музеј сред бел ден и побегнаа со осум вредни артефакти. Меѓу украдените предмети беа ѓердани, обетки и тиара што му припаѓале на кралското семејство од 19 век.
Рускиот технолошки претприемач, кој моментално живее во Дубаи, ја објави својата понуда вчера на социјалната мрежа X. „Би сакал да купам украден накит и да го донирам назад на Лувр. Мислам, на Лувр Абу Даби, се разбира; никој не краде од Лувр Абу Даби“, напиша Дуров.
Лувр Абу Даби, кој се наоѓа на островот Садијат, беше отворен во 2017 година како заеднички проект на Франција и Обединетите Арапски Емирати.
Дуров, исто така, ја искористи можноста да упати остри критики до француските власти, наведувајќи дека грабежот во Париз „воопшто не го изненадува“.
„Тоа е уште еден тажен знак за пропаѓањето на некогаш големата земја, каде што владата ја усовршила уметноста на одвраќање на луѓето со фантомски закани, наместо да се соочува со вистинските“, рече тој.
Ова не е прв пат Дуров да ја критикува француската влада. Тој претходно ги обвини дека се обидуваат да воведат политичка цензура на Телеграм. Минатата година, тој беше кратко приведен на аеродромот во Париз под обвинение дека не отстранил нелегална содржина од неговата платформа, по што беше ослободен со кауција .