Прозорецот за проширување на Европската Унија (ЕУ) сега е широко отворен. Ова е пораката што високата претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика Каја Калас ја упати од Лондон, каде беше дел од Самитот за Западен Балкан во рамките на Берлинскиот процес.

„Денес во Лондон се сретнавме со нашите партнери од Западен Балкан за да ја продлабочиме нашата соработка во безбедноста, енергетиката и економијата. Проширувањето на ЕУ е геостратешка инвестиција во безбедноста на цела Европа. Заедно можеме да го направиме чекорот“,напиша Калас на социјалната платформа Икс.
Говорејќи за евроинтеграциите на земјава, премиерот Христијан Мицкоски во изјава за националниот радиодифузен сервис изјави оти очекува прогрес и, како што кажа, откочување на проблемот што Македонија го има на својот пат кон ЕУ.
„Ги кажавме нашите позиции, односно позициите коишто цело време ги повторуваме, дека мора да има испорака, гаранции од Европската Унија, мора да има испорака од нашиот источен сосед во делот на почитување на меѓународното право, почитување на европските институции како што е Судот за човекови права, интегрирање на македонската заедница во рамките на министерскиот совет за малцинства кај нашиот источен сосед итн. Тоа не се дополнителни услови, тоа значи партнерство, тоа значи добрососедски односи помеѓу двете земји“,изјави премиерот, кој ја предводи владината делегација на Самитот.
Одговарајќи на дополнително прашање за пораките од нашите партнери во однос на евроинтегративниот процес на земјава, Мицкоски рече дека од нивна страна било кажано дека местото на земјава е во Европската Унија, како и генерално на целиот регион на Западен Балкан.
Во тој контекст, премиерот наведе дека особено била инспиративна и конкретна дискусијата на германскиот канцелар, Фридрих Мерц, кој, како што кажа, јасно кажал како го гледа регионот.
Мицкоски, во таа насока, кажа дека местото на Македонија е во Европската Унија и оти тоа е еден од нашите посебни приоритети, но, исто така наша цел е, како што рече, да го заштитиме нашето национално достоинство, нашиот идентитет и нашите национални интереси.
Земјава сè уште ги нема отворено поглавјата од пристапните преговори со Европската Унија бидејќи условот за тоа е вклучувањето на бугарската заедница во Преамбулата на Уставот.
Актуелната влада, предводена од ВМРО-ДПМНЕ, не се согласува уставните измени да бидат направени без претходно земјава да добие гаранции од Брисел дека нема да има други услови и вето од Бугарија на понатамошниот пат на Македонија кон ЕУ.