КИРИЛ ДМИТРИЕВ, специјалниот претставник на рускиот претседател Владимир Путин за инвестиции и економска соработка, синоќа изјави дека верува оти неговата земја, САД и Украина се блиску до дипломатско решение кое треба да придонесе за завршување на војната во Украина.

Тој тврди дека самитот Трамп-Путин не е откажан, но дека „ќе се сретнат подоцна“
Откако пристигна во Вашингтон на разговори со американски претставници, Дмитриев за Си-Ен-Ен изјави дека средбата меѓу Доналд Трамп и Путин не е откажана, како што рече американскиот претседател, и дека двајцата лидери веројатно ќе се сретнат подоцна.
Планираниот самит беше одложен во вторник, бидејќи одбивањето на Русија да се согласи на моментален прекин на огнот фрли сенка врз разговорите. Трамп рече дека ја откажал планираната средба со Путин во Будимпешта поради недостатокот на напредок во дипломатските напори за завршување на војната и чувството дека моментот е пропуштен.
„Блиску сме до дипломатско решение“
Но, Дмитриев во петокот изјави: „Верувам дека Русија, САД и Украина се всушност доста блиску до дипломатско решение“. Тој не даде детали.
Европските земји работат со Украина на нов предлог за прекин на огнот по сегашните фронтовски линии, изјавија европски дипломати за Ројтерс оваа недела, во голема мера повторувајќи го она што веќе се дискутира, додека инсистираат САД да задржат централна улога.
„Големиот потег на Зеленски е да признае дека ова се бојни линии“
„Голем потег од страна на претседателот Володимир Зеленски е тоа што тој веќе признава дека ова се бојни линии“, рече Дмитриев. „Знаете, неговиот претходен став беше дека Русија треба целосно да си замине, па всушност мислам дека сме доста блиску до дипломатско решение што може да се постигне.“
Русија започна голема инвазија на Украина во февруари 2022 година.
Трамп најави средба со Путин, рускиот претседател одбива какви било отстапки
Трамп минатата недела објави дека тој и Путин наскоро ќе се сретнат во Унгарија за да се обидат да преговараат за крај на војната. Но, Путин не е подготвен да разгледа отстапки. Русија долго време бара Украина да се согласи да отстапи повеќе територија пред да може да се склучи какво било примирје.
Посетата на Дмитриев на САД за долго планираната средба доаѓа по неодамна објавените санкции на САД врз две од најголемите руски нафтени компании, потег чија цел е да се изврши притисок врз Путин да ја прекине војната.
И покрај потегот, Дмитриев рече дека дијалогот меѓу Русија и САД ќе продолжи.




