дома Свет Балкан Косовското собрание не го избра Курти за премиер: Османи мора да назначи...

Косовското собрание не го избра Курти за премиер: Османи мора да назначи нов премиер или – нови избори

Косовското собрание денес не избра нова влада, објави дописникот на N1. 56 пратеници гласаа за предлогот на Курти, додека четворица пратеници беа воздржани.

Претседателот на собранието Димаљ Баша рече дека одговорноста сега преминува на претседателката Вјоса Османи.

Баша по гласањето рече дека постапката бара Османи да одлучи за друг кандидат за премиер врз основа на уставните овластувања по консултации со партиите.

Османи има десет дена да назначи нов мандатар, а доколку и другиот мандатар не ги обезбеди потребните 61 глас, тој ќе го распушти Собранието и ќе распише нови парламентарни избори.

На почетокот од својот говор на денешната седница на косовското собрание, Курти изјави дека не успеал да формира коалиција за избор на нова влада со друга партија, но побарал гласови од пратениците за да спроведе неколку точки, од кои најважна е државниот буџет.

Курти побарал гласови за да може, наводно, да обезбеди континуитет на институциите и усвојување на буџетот за следната година.

„Ниту една од парламентарните партии што ги поканивме не прифати да влезе во заедничка влада, иако волјата на граѓаните покажуваше дека треба да има коалиција. Доколку понудата беше прифатена, денес ќе ѝ понудивме на земјата влада, но ќе имавме и бројки за да го надминеме предизвикот за избор на претседател (на Косово)“, рече тој.

Тој изјави дека денешното гласање „не е само политичка формалност, туку државна одговорност“.

„Без гласање за нова влада, Републиката ризикува да оди на нови избори, без многу функционални институции, без усвоен буџет за следната година. Ова би значело ризик за исплата на плати на државните службеници, пензиите, детските додатоци, снабдувањето со лекови, како и работата на органите за ред и мир. Земја без буџет не може да оди напред“, рече Курти.

Курти ги наведе и првите пет одлуки што, како што рече, ќе бидат донесени доколку ја добие потребната доверба од пратениците.

„Усвојувањето на нацрт-буџетот за 2026 година; одлуката за утврдување на минималната пензија на 150 евра, што се однесува на 200.000 пензионери; одлуката за зголемување на детските додатоци за 50 проценти; одлуката за зголемување на минималната плата на 500 евра и усвојувањето на измените на законот што овозможуваат укинување на ограничувањата за вработување во приватниот сектор за ветераните“, рече тој.

Зборувајќи за работата на претходната влада, Курти рече дека во текот на изминатите четири години тие „изградиле колку што знаеле и можеле“.

„Имавме највисок економски раст во регионот, со просечен пораст од над шест проценти. Знаевме како да се справиме со предизвикот на инфлацијата. Ја зголемивме вработеноста и приходите на домаќинствата. Направивме многу добри работи, но сè уште има многу работа пред нас. Ги либерализиравме визите за Шенген зоната и го подобривме имиџот на земјата“, рече тој.

Тој ги повика опозициските партии да го поддржат и овозможат доброто управување со гласањето за новата влада.

„Ние сме најдемократската земја во регионот. Нашите институции се изградени врз волјата на граѓаните и тој стандард мора да се зачува. Улогата на парламентот треба да се зајакне во надзорот над владата“, рече Курти.

ПредходнаФилипче најавува кадровски промени во партијата
СледнаПукна ли колицијата на на ВМРО на етничка карта?Мицкоски до Рамадани: Направи голема грешка, себичен е и им штети на другите кандидати на ВЛЕН