Двајца осомничени кои беа уапсени минатиот викенд поради вмешаност во грабежот на вредни предмети од музејот Лувр во Париз се по потекло од Обервилиер во регионот на Париз, објавија француските медиуми.

Осомничените, на возраст од околу 30 години, беа уапсени во саботата и се во притвор, кој ќе трае до 96 часа, а претходно ѝ беа познати на полицијата, објави BFM TV.
Едниот осомничен беше уапсен во саботата навечер на аеродромот Роаси-Шарл де Гол додека се обидуваше да се качи на лет за Алжир, додека другиот беше уапсен во Обервилиер, двајцата по потекло од тој град, кој е оддалечен седум километри од Париз и се наоѓа во областа Сен-Сен-Дени.
Двајцата се под истрага во последните неколку дена, објави француската телевизија.
На местото на грабежот е пронајдена „одлучувачка ДНК трага“, рече тој, и тоа е отпечаток од прст.
Парискиот обвинител Лор Беко во четврток изјави дека за истрагата се земени повеќе од 150 примероци од ДНК.
Грабежот се случил на 19 октомври во Лувр во Париз, кога биле украдени девет предмети од колекцијата на кралското семејство.
Четирите крадци влегле во зградата од страната со поглед на реката Сена, каде што се во тек градежни работи, користејќи платформа за кревање за да добијат директен пристап до галеријата Аполо.
Според властите, украдени се осум предмети, вклучувајќи тијари, ѓердани, обетки и брошеви што им припаѓале на сопругата на Наполеон, царицата Мари-Луиз; на неговата снаа, кралицата Хортенза од Холандија; на кралицата Мари-Амели, сопруга на последниот француски крал, Луј Филип, кој владеел од 1830 до 1848 година; и на царицата Евгенија, сопруга на Наполеон III, кој владеел од 1852 до 1870 година.
Круната на царицата Евгенија исто така била украдена, но била пронајдена оштетена во близина на музејот откако крадците ја испуштиле.
Вредноста на украдените предмети се проценува на 88 милиони евра.




