Жителите на населбата Забјело во Подгорица се собраа синоќа на протест откако група турски државјани нападнаа и избодоа еден нивен сограѓанин претходната ноќ. Во исто време, црногорската полиција спроведе рации и приведе 45 турски државјани.
Полицијата досега идентификуваше и приведе двајца турски државјани кои се поврзани со синоќешното ранување на М.Ј. од Подгорица со употреба на ладно оружје.
Како што објавија медиумите во Подгорица, група турски државјани синоќа нападнале група жители на Подгорица, а еден од младите мажи од Подгорица добил седум убодни рани со нож.
Насилство во Подгорица
Во официјалното соопштение од црногорската полиција се наведува дека синоќа, половина час по полноќ, јавниот ред и мир бил нарушен од тепачка во која учествувале неколку лица, во која едно лице се здобило со телесни повреди во градите и рацете.
„Имајќи ги предвид настаните со елементи на насилство во последните 24 часа, во кои учествуваа турски државјани со привремен престој на територијата на Подгорица, како и предизвикувањето инциденти на повеќе локации, службениците на Регионалниот центар за безбедност „Центар“, Секторот за гранична полиција и Регионалниот центар на граничната полиција „Центар“ спроведуваат координирани активности на територијата на Подгорица, во рамките на кои се приведени околу 45 лица – турски државјани“, се наведува во соопштението за јавноста.
Се додава дека во понатамошната постапка, црногорската полиција ќе ги процени причините за нивниот престој, оправданоста и законитоста на нивниот престој, како и елементите на насилство што се случиле за време на нивниот престој, по што ќе следат репресивни мерки и евентуално прекинување на нивниот престој и протерување на странците од Црна Гора.
Полициски рации
Црногорските медиуми претходно денес објавија дека во подгоричката населба Забјело, каде што беа извршени рациите, владеела опсадна состојба, додека од друга страна, револтирани од синоќешниот чин на насилство, бројни жители на таа населба се собрале и постојано скандирале погрдни зборови против Турците.
Медиумите, исто така, објавија дека тројца турски државјани дури се забарикадирале во казино откако, според очевидци, група мештани се обиделе да се пресметаат физички со нив. Откако полицијата ги извела од казиното, двајца од нив биле приведени, а еден од нив е осомничен дека е вмешан во синоќешниот напад.
Укинување на безвизниот режим
Црногорскиот премиер Милојко Спајиќ синоќа објави дека Владата денес, по итна постапка, ќе донесе одлука за привремено укинување на безвизниот режим за граѓаните на Турција.
„За да се зачува економската активност и добрите билатерални односи, во наредниот период ќе започнеме интензивни разговори со Република Турција со цел да се пронајде, во духот на добрата соработка и сојузништвото, најдобриот модел во заеднички интерес“, напиша Спајиќ на социјалната мрежа X.
Црногорското Министерство за внатрешни работи претходно објави дека 13.308 државјани на Турција имаат дозвола за привремен престој или привремен престој и работа во Црна Гора, додека 87 лица од таа земја добиле постојан престој.
Според пописот од 2023 година, Црна Гора има население од нешто повеќе од 623.500 жители.




