Музичка младина на Македонија со задоволство го најавува почетокот на есенскиот циклус на концерти „Слободна Среда“, кој ќе се одржи на 29 октомври и 5 ноември, со почеток во 19:00 часот во Музејот на македонската борба во Скопје.

На концертите ќе настапат повеќе млади музичари на возраст од 7 до 30 годишна возраст, од повеќе градови во Македонија. Влезот за публиката е бесплатен.
„Слободна Среда“ е платформа посветена на млади музичари од основно, средно и високо музичко образование, која преку јавен повик објавен од МММ овозможува учество на ученици и студенти од целата земја. На еден концерт настапуваат повеќе изведувачи или камерни состави, и секој учесник изведува едно дело.
Овој формат на концертна активност е особено значаен за младите музичари, бидејќи им овозможува реална сценска изведба пред публика, што е клучно за нивниот уметнички и професионален развој.
Преку учеството тие стекнуваат искуство за сценски настап.

Концертите на „Слободна Среда“ секогаш предизвикуваат голем интерес, со бројни пријави од млади музичари не само од Скопје, туку и од музичките училишта и институции ширум Македонија.
Проектот е поддржан и кофинансиран од Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија.




