
Рускиот претседател Владимир Путин посети едно од командните места на Здружената група на сили, каде началникот на Генералштабот Валериј Герасимов го информираше за клучните воени успеси, вклучувајќи го тестирањето на новата ракета „Буревестник“ и „значајниот напредок на бојното поле во Украина“, објави РИА „Новости“.
Путин истакна дека за време на вежбите на стратешките офанзивни сили биле тестирани ветувачки модели на оружје, нагласувајќи дека Русија е светски лидер во нуклеарното одвраќање. „Уште еднаш ја потврдивме сигурноста на нуклеарниот штит, стратешките сили се способни целосно да ја обезбедат националната безбедност на Руската Федерација и Федералната држава“, рече Путин.
Герасимов прецизираше дека тестирањето на новата ракета „Буревестник“ е извршено на 21 октомври. Ракетата поминала 14 илјади километри за 15 часа, што, како што рече тој, не е нејзиниот максимален дострел. „За време на летот, ракетата ги извршила сите потребни вертикални и хоризонтални маневри, демонстрирајќи ги своите високи способности за заобиколување на противракетната и воздушната одбрана“, рече Герасимов.
Путин рече дека клучните цели на тестовите се постигнати и најави понатамошни чекори. Тој нагласи дека крстосувачките ракети на нуклеарен погон се уникатно оружје што никој друг во светот го нема. „Неопходно е да се дефинираат можните начини на примена и да се започне со подготовка на инфраструктурата за поставување на ова оружје во нашите вооружени сили“, додаде тој.
Ситуацијата на бојното поле
Зборувајќи за ситуацијата во зоната на „специјална воена операција“, како што Русите ја нарекуваат војната што ја започнале, Герасимов извести дека групата „Центар“ го завршила опколувањето на украинските сили во областите Красноармејск и Димитров, каде што, како што рече, се опкружени до пет и пол илјади војници. „Во меѓувреме, борците од групата „Запад“ го зазедоа преминот преку реката Оскол и го опколија Купјанск, каде што се наоѓаат околу пет илјади украински војници. Волчанск е ослободен за 70%, а борбите за Јампол исто така завршуваат“, рече Герасимов.
„Руската армија историски секогаш се однесувала со милост кон поразениот непријател. И ние ќе почнеме од тоа“, рече Путин.




