Претседателот на Српската напредна партија (СНС), Милош Вучевиќ, денес изјави дека зависи од „блокадерите“, а не од властите, дали ќе има насилство на 1 ноември, кога се одбележува годишнината од уривањето на настрешницата на железничката станица во Нови Сад, кога загинаа 16 лица.

„Не се сомневам дека ако некој изврши насилство, ќе ги сноси правните последици за тоа, ако некој нападне други луѓе, туѓ имот, државата ќе реагира и ќе го скрши секој облик на насилство“, изјави Вучевиќ за ТВ Прва.
Како што изјави тој, „водачите на блокадата веќе велат дека ако нешто се случи, Вучиќ е виновен, полицијата, ако има насилство, тие повторно имаат однапред подготвено сценарио“.
Кога беше прашан за можни предвремени парламентарни избори, Вучевиќ рече дека смета дека тие треба да се одржат до крајот на следната година.
„Ја разбравме пораката од претседателот, кој има овластување да распише избори, заедно со владата. Очигледно, предвремени избори нè очекуваат во 2026 година, дали ќе бидат напролет или доцна есен, не можам да кажам, не зависи од мене“, рече Вучевиќ.
Тој исто така изјави дека „прашањето останува, ако одиме на избори порано, дали претседателот на државата ќе го скрати својот мандат и парламентарните и претседателските избори ќе се спојат, тоа е прашање за кое ќе се дискутира следната година“.




