Руската нафтена компанија Лукоил денес објави дека, поради воведувањето рестриктивни мерки од страна на некои земји против компанијата и нејзините подружници, има намера да ги продаде своите средства во странство.

Во соопштението објавено на веб-страницата на компанијата се додава дека разгледувањето на понудите од потенцијалните купувачи веќе започнало.
Компанијата забележува дека продажбата на средствата се спроведува според лиценца за ликвидација на бизнисот издадена од Канцеларијата за контрола на странски средства (OFAC) при Министерството за финансии на Соединетите Американски Држави.
Лукоил планира да поднесе барање за продолжување на лиценцата, доколку е потребно, за да се обезбеди континуирано работење на своите средства во странство.
На 22 октомври, Соединетите Американски Држави воведоа санкции врз повеќе од 30 подружници на руските енергетски компании Роснефт и Лукоил.
САД им дадоа рок на компаниите до 21 ноември да ги прекинат своите трансакции со руските производители на нафта.




