дома Локално По оставката на директорот на Комунална хигиена, Арсовска го повика Мицкоски да...

По оставката на директорот на Комунална хигиена, Арсовска го повика Мицкоски да назначи нов

Директорот на „Комунална хигиена“ на кого вчера му беше одреден 30-дневен притвор за кривично дело „загрозување на животната средина со отпад“ поднесе оставка, а градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска денеска преку објава на Фејсбук прашува како ќе функционира претпријатието во следните пет дена.
– Како ќе функционира ЈП „Комунална хигиена“ во следните пет дена прашајте го премиерот Христијан Мицкоски кој лично од својот кабинет го наредува овој хаос кој воедно и го најави како интересна разврска на прес-конференција непосредно пред да се случи, напиша Арсовска на Фејсбук.
Му порача на премиерот да го повика Управниот одбор на Комунална хигиена чија претседателка, како што наведува, е осуден криминалец за две кривични дела да донесе одлука за разрешување на директорот и именување на вршител на должноста.
– Го прашуваме директно и базирано врз доказите кои граѓаните секојдневно ги изнесуваат во јавност: Дали е приведен директорот на Јавното комунално претпријатие Тетово за еко хаваријата што ја предизвика со отпадот во Вардар и зошто не? Дали е приведен директорот на Јавното комунално претпријатие Гази Баба за еко хаваријата што ја предизвика во Јурумлери со отпадот кој го фрла сред природа со општински камиони и зошто не? Дали е приведен директорот на ЈП Чистота и зеленило Куманово за еко хаваријата што ја предизвикува секојдневно со отпадот низ Куманово и зошто не?, прашува Арсовска.
Директорот на Комунална хигиена Сабахадин Рустеми, како што изјави неговиот адвокат, поднел оставка од морални причини и не ја дава затоа што се чувствува одговорен за ситуацијата со сметот, туку за да не влијае на истрагата.
Рустеми заедно со раководителот на секторот за отпад Аки Саити вчера добија 30-дневен притвор. Обвинителството ги сомничи за виновни согласно член 230 од Кривичниот законик.

ПредходнаОбјавен англискиот превод на научнофантастичната новела „До_адната книга” од Стефан Марковски
СледнаДизелот од полноќ поскап за два денари