ВМРО-ДПМНЕ вечерва прогласи победа во поголем дел од општините каде се одржуваше вториот круг од локалните избори.
Лидерот на партијата Христијан Мицкоски рече дека коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ издвоила голема победа, а резултатите ја покажале силната волја на граѓаните за промена и обединување.
Прогласи победа во Скопје, Карпош, Аеродром, Чучер Сандево, Брвеница, Валандово, Дојран, Крушево, Кочани, Лозово, Могила, Македонски Брод, Росоман, Неготино, Ранковце, Чешинов-Облешево, Конче, Демир Капија, Пробиштип…
– Морам да споделам една посебно силна порака, а таа е од нашето Кичево. Падна Фатмир Дехари, падна од народот кој се обедини против недомаќинското работење. Покажавме што можеме кога сме обединети, рече Мицкоски.
За општина Карпош рече дека поминало времето на локални шерифи кои се шетале од еден во друг ќош.
За резултатот што го постигна опозициската СДСМ рече дека не е среќен за нивниот дебакл, туку дека тоа е одраз оти таа партија не се реформирала.
Додаде оти е факт дека гласачите кои гласале за Влен, не излегле и не го поддржале кандидатот за градоначалник на Скопје Орце Ѓорѓиевски, но дека тоа нема да се одрази врз владината коалиција.
– Никој гласовите не ги чува во џеб, ниту може да ги испорача од џеб. Видовме една чесна заложба за Орце Ѓорѓиевски. Факт е дека гласачите кои гласаа за ВЛЕН не излегоа и не го поддржаа за Орце Ѓорѓиевски. Претпоставувам дека таква била одлуката на гласачите, рече Мицкоски.




