Земјотрес со интензитет од 6,3 степени според Рихтеровата скала го потресе северниот авганистански град Мазар-е-Шариф утрово , при што загинаа најмалку 10 лица, а околу 260 се повредени, соопштија властите, а бројот на жртви веројатно ќе расте.

Американскиот геолошки завод соопшти дека земјотресот бил на длабочина од 28 км во близина на Мазар-и-Шариф, кој има население од околу 523.000 жители,објави Ројтерс.
Американските геолози издадоа портокалово предупредување во нивниот PAGER систем.
Станува збор за автоматизиран систем кој дава информации за влијанието на земјотресите. Портокалово предупредување означува дека „веројатно ќе има значителен број жртви и дека катастрофата може да биде широко распространета“.
„До утрово, регистрирани се вкупно 150 повредени и седум мртви кои се префрлени во здравствени центри“, изјави Самим Џојанда за Ројтерс.
Тој е портпарол на здравствениот оддел во Саманган, планинска северна покраина во близина на Мазар-и-Шариф.
Бројот на жртви се базира на болнички извештаи, додаде тој.
Министерството за одбрана на авганистанските талибанци соопшти дека делови од провинциите Балх и Саманган се најпогодени, со жртви меѓу цивилите .
Воените спасувачки екипи и тимовите за итни интервенции веднаш пристигнаа во областа и започнаа операции за спасување на луѓе, транспорт на повредени и пружање помош на погодените семејства, се вели во соопштението на војската.
Портпаролот на Министерството за здравство, Шарафат Заман, изјави дека спасувачките екипи работат активно, но предупреди дека бројот на загинати и повредени може да се зголеми.
„Здравствените екипи пристигнаа во областа и сите блиски болници се во состојба на готовност“, објави Заман.
Авганистан е особено ранлив на земјотреси , бидејќи се наоѓа на два активни раседни линии кои можат да пукнат и да предизвикаат големи штети.
Повеќе од 2.200 луѓе беа убиени, а илјадници други беа повредени по земјотресот и силните потреси на југоистокот на исламската земја, која е разурната од војна, кон крајот на август.
Земјотресот, исто така, уништи дел од светата гробница во Мазар-и-Шариф.




