дома Технологија По 170 дена во вселената четворица астронаути на НАСА и ЕСА безбедно...

По 170 дена во вселената четворица астронаути на НАСА и ЕСА безбедно се вратија на Земјата

72
Спуштањето на Кру Драгон Фридом во Атлантски Океан кај Флорида. Фото: НАСА (NASA, Public Domain)

По 170 денови во вселената, астронаутите на НАСА Боб Хајнс, Кјел Линдгрен и Џесика Воткинс, како и астронаутката на ЕСА Саманта Кристофорети, безбедно се спуштија во водите на Атлантскиот океан кај Џексонвил, Флорида во 16:55 часот по локално време (22:55 ч. по средноевропско време) во петокот 14 октомври.

НАСА информираше дека четиречлениот екипаж се врати со вселенската капсула Кру Драгон Фридом на компанијата Спејс Екс (SpaceX).

https://www.youtube.com/watch?v=gBLrkhNUSLA

На леталото со официјално име Dragon C212 му беше дадено името Фридом („Слобода“) во април, пред да го однесе истиот четиричлен екипаж до Меѓународната вселенска станица. Тогаш астронаутот Кјел Линдгрен објави на Твитер дека името е избрано со цел да се прослави основно човеково право, како и работливоста и иновативноста што бликаат кога човечкиот дух е нескротен. Името исто така оддава почит на вселенската капсула Фридом 7, користена на ракетата Меркури Редстоун 3, со која Алан Шепард го изврши првиот американски лет во вселената со човечки екипаж (5 мај 1961 г.).

Леталата од моделот Драгон 2 (SpaceX Dragon 2) имаат две варијанти: Кру Драгон служи за превоз на патници, додека Карго Драгон, модел кој се управува од далечина и нема седишта и систем за одржување во живот и додатен мотор, НАСА го користи за пренос на товар до Меѓународната вселенска станица.

Во текот престојот на Меѓународната вселенска станица, Италијанката Кристофорети како астронаутка на ЕСА ја вршеше должноста на командант на станицата.

ЕСА или Европската вселенска агенција (European Space Agency) e меѓудржавна организација во сопственост на 22 европски земји, од кои 19 се членки на Европската Унија, заедно со Велика Британија, Норвешка и Швајцарија. При претходниот престој во вселената во 2015 година Кристофорети го постави европскиот рекорд за најдолг престој во вселената од 199 дена и 16 часа.

ПредходнаЕксклузивните содржини на новата српска телевизија Блиц ТВ отсега достапна на MSat TV
СледнаИталијанска модна приказна и во Скопје