Шпанската влада денес потврди дека ќе издвои 700 милиони евра што ќе бидат искористени во текот на следните шест години за проектот на борбениот авион од следната генерација „Иден комплексен систем за борбени воздушни напади“ (FCAS), проект во кој Шпанија учествува заедно со Франција и Германија.

Како трет партнер во проектот, покрај Франција и Германија, Мадрид во голема мера остана настрана во конфликтот меѓу двете воздухопловни индустрии, што ја забави работата на програмата FCAS, вредна околу 100 милијарди евра, според Euractiv.
FCAS, познат и како „систем на системи“, е дизајниран да ги поврзе борбените авиони од шестата генерација и беспилотните летала преку „воздушен борбен облак“ со други воени средства, тенкови, бродови и сателити.
Шпанската влада одобри 540 милиони евра за развој на авионите и беспилотните летала, додека дополнителни 160 милиони ќе бидат инвестирани во самиот проект.
Иако средствата се дел од претходно планираната финансиска рамка, потегот на Мадрид покажува дека Шпанија останува цврсто посветена на продолжување на соработката, проценува бриселскиот портал.
Компаниите Индра, Ербас Дифенс Спејн, ИТП Аеро и Сатнус работат на проектот за шпанската страна, а Индра го предводи конзорциумот.
Директорот на таа компанија, Хозе Висенте де лос Мозос, неодамна изјави дека соработката со француската компанија оди добро, и покрај несогласувањата меѓу нив.
Француската компанија бара поголем управувачки авторитет во развојот на авионот, додека Германија инсистира на еднакво учество во одлучувањето за дизајнот на авионот.
Министрите за одбрана на трите земји-партнери требаше да се состанат во октомври за да го утврдат понатамошниот правец на проектот, но тој состанок сè уште не се одржал.




