Хрватска ќе нарача 18 топови Цезар од Франција во вредност од 320 милиони евра како дел од својата програма за модернизација на војската, објавува денес „Фигаро“.

Нарачката, одобрена од Одборот за одбрана на хрватскиот парламент, треба официјално да биде потпишана во декември, откако владата формално ќе ја одобри, а финансирањето ќе биде обезбедено од програмата за кредити за одбрана на ЕУ објавена напролет оваа година, објавува парискиот весник.
Овие кредити треба да помогнат во финансирањето на проекти во секторите дефинирани како приоритетни, како што се муниција, беспилотни летала, системи за воздушна одбрана или вештачка интелигенција и сајбер безбедност.
Овие проекти треба да вклучуваат и најмалку 65 проценти од елементите произведени во ЕУ, Украина или во некои европски земји како Норвешка.
Хрватската нарачка е поделена на два дела – првиот се однесува на самите оружја, додека преостанатиот дел вклучува опрема за следење, комуникациски возила и оклопни возила, како и теренски камиони за транспорт на борбена муниција, објавува Фигаро, повикувајќи се на податоци од хрватското Министерство за одбрана.
Испораката на оружјето е закажана за 2029 година.
„Цезар“ е камион што носи топ од 155 милиметри, кој може да испали шест гранати на растојание до 40 километри за помалку од една минута.
Тој е дел од опремата на француската армија од 2008 година и се наметна на украинското бојно поле во операциите против Русија.
Хрватска, која неодамна одобри инвестициски план од 1,9 милиони евра за модернизација на својата одбрана, исто така планира да купи 44 тенкови Леопард 2А8 од германско производство, 420 чешки камиони ТАТРА, како и систем за заштита од беспилотни летала, објавува Фигаро.




