Премиерот Христијан Мицкоски денеска даде оценка за Извештајот на Европската комисија за напредокот на земјава. Во изјава дадена во Петровец, Мицкоски го оцени Извештајот како генерално добар, а за слабостите констатирани во него рече дека за тоа зборувале постојно и дека во периодот што следи посериозно ќе се занимаваат со оваа тема.
– Да ги направиме уставните измени и најдобри ќе бедеме и повторно да добиеме ново вето и нови проблеми,. Тогаш сигурно ќе добиеме петка и ќе бидеме шампиони. Од она што е таму напишано, јас сум исклучително задоволен бидејќи нема назадување, има стагнација во неколку области, знаеме сите и тоа ние сите го зборуваме, тоа е владеењето на правото, борбата против криминалот и корупцијата и затоа нон стоп зборувам дека се потребни промени во Судскиот совет, Обвинителството… Сега по завршување на изборите многу посериозно ќе се занимаваме со таа тема, изјави Мицкоски.
Не се согласува со констатацијата дека други земји се пред нас. Вели објективно Црна Гора е подготвена за влез во Унијата, а на второ место сме ние и Србија, а потоа Албанија, Босна и Херцеговина и Косово.
– На пример ние сме пред Албанија дури во осум области иако некои од еврокомесарите даваат такви изјави какви што даваат, така што кога ќе се анализира од државите кој е спремен, а кој не е спремен, објективната оценка е дека Црна Гора е прва, на второто место сме ние и Србија, па потоа Албанија, Босна и Херцеговина и Косово, рече Мицкоски.




