Израелската армија соопшти дека започнала бран воздушни напади врз позициите на либанската група Хезболах во јужен Либан, неколку часа откако ги повика локалните жители да евакуираат неколку градови во областа, објави „Тајмс оф Израел“.

Според израелската војска, целите на нападите биле инфраструктурни објекти на Хезболах во селата Аита ал-Џабал, Тајбе и Таир Деба . Портпаролот на армијата, Авичај Адрае, во објава на платформата X изјави дека жителите на одредени згради во овие населби биле предупредени да се евакуираат од областите означени на дистрибуираните мапи пред да започнат нападите.
Армијата ги опиша акциите како „превентивна операција“ против воената инфраструктура на Хезболах, но не даде детали за обемот на нападите или евентуалните жртви. Досега нема официјална реакција од Хезболах.
Тензиите по должината на границата меѓу Израел и Либан се зголемија од почетокот на војната во Газа, при што двете страни редовно разменуваат артилериски и ракетни напади и покрај прекинот на огнот постигнат со посредство на САД .




