За време на голема операција спроведена помеѓу 23 јуни и 16 септември во Слободната зона „Пристаниште Бар“, уништени се вкупно 1.745.126 килограми тутунски производи, објави Владата на Црна Гора.

Според документот, уништени се 130.003 кутии цигари, 526 кутии сечен тутун, 1.134 кутии тутун за наргиле и шест кутии електронски цигари, објави РТЦГ.
Вкупната количина на отпад транспортиран на депонијата изнесуваше повеќе од два милиони килограми.
Операцијата беше спроведена под надзор на тим составен од претставници на Царинската управа, Полициската управа, британската царинска служба HMRC и изведувачот, компанијата „Депонија“ д.о.о. Подгорица, со која договорот беше потпишан на 20 јуни годинава.
Црногорскиот премиер Милојко Спајиќ во септември изјави дека Црна Гора преку оваа акција избегнала штета вредна неколку стотици милиони евра и ја покажала својата решителност во борбата против шверцот. Тој додаде дека околу 90 проценти од цигарите запленети од пристаништето Бар, во вкупна вредност од околу 200 милиони евра, биле уништени, со што се избегнало „многу лошо сценарио“ за земјата.




