Полициски службеници од Дирекцијата за организиран и сериозен криминал на МУП на Република Српска, во соработка со припадници на Полициската управа на Зворник и Жандармеријата на МУП на Република Српска, на подрачјето на Зворник го лишија од слобода лицето Д.Д., соопшти МУП на Република Српска

Полициски службеници од Дирекцијата за организиран и сериозен криминал неодамна дознале дека дотичниот нелегално престојува на територијата на БиХ и користи лажен идентитет и фалсификувани документи од Чешка, се наведува во соопштението.
Тој е поврзан со припадност на една од организираните криминални групи од регионот, според соопштението, кое го пренесе Срна.
Во рамките на оперативната соработка со полициските и безбедносните агенции од БиХ и околината, се дознало дека дотичниот може да биде вклучен во планирање и извршување кривични дела против безбедноста на луѓето и имотот, се наведува во соопштението.
Во текот на подготовката и спроведувањето на горенаведените активности, постигната е соработка и координација со Агенцијата за разузнавање и безбедност на Босна и Херцеговина, Агенцијата за безбедност и информации на Република Србија и Службата за борба против организиран криминал на УКП при Министерството за внатрешни работи на Република Србија, се наведува во соопштението.
Сараевскиот портал Klix.ba објави дека Дарко Дуловиќ е уапсен во заедничка операција на безбедносните и разузнавачките агенции на Босна и Херцеговина и Србија во областа Зворник.
Според соопштението, тој е регистриран во полициските евиденции во БиХ како член на „кланот Кавач“.
Денес на неколку локации во Белград, Зворник и Бања Лука беа уапсени неколку лица кои се поврзани со случајот познат како „снајперски инсерти“, објави претходно српското Министерство за внатрешни работи.
Операцијата е спроведена во рамките на заедничките активности на Министерството за внатрешни работи и Агенцијата за безбедност и информации.
Надлежните државни органи продолжуваат интензивно да работат на разјаснување на сите околности и факти поврзани со овој случај, се наведува во соопштението.
Српскиот претседател Александар Вучиќ во понеделник изјави дека властите веќе се обидуваат да ги пронајдат двајцата снајперисти кои, според разузнавачките информации, дошле во Белград. Тој рече дека е познато од каде се парите што ги добиле и изрази надеж дека надлежните служби ќе можат да го решат случајот.




