Јавното обвинителство во Битола поднесе обвинение против лицата кои беа инволвирани во борбата со кучиња во битолско Црнеец во близина на Стрежево.
Обвинението е покренато против грчки државјанин сопственик на куче „пит бул”, косовски државјанин сопственик на куче „американски стафорд”, како и двајца македонски државјани. Тие ќе одговараат за кривично дело „Убивање и мачење животни“.
Првообвинетиот организирал борба меѓу двете кучиња во дворот од семејната куќа на второобвинетиот, кој претходно имал подготвено ринг каде се одвивала борбата. Настанот го следеле и други лица од Косово, Грција и Македонија, кои полициските службеници ги затекнале на лице место и кај кои биле пронајдени парични средства во различни апоени на евра и денари наменети за обложување.
Како резултат на борбата, со тешки повреди се здобило кучето од расата „пит бул”, кое имало угризни рани со различна големина, тешки повреди на главата и видливи знаци на трауматски шок.
– Доказите обезбедени до овој момент упатуваат на сомненија дека се работи за организирана операција за која бил подготвен ринг за борби за кучиња во кој се пронајдени траги кои укажуваат дека вакви борби се случувале и друг пат, како и лекови за пружање прва помош на повредени кучиња, велат од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија.
За македонските државјани се бара продолжување на куќниот притвор, а за странските државјани кои се во бегство, доколку не бидат фатени до почетокот на судењето, ќе се побара да им се суди во отсуство.




