Турското судство издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неколку израелски функционери, наводно за злосторства против човештвото и геноцид.

Како што објави во петокот Канцеларијата на главниот обвинител во Истанбул, налозите за апсење се однесуваат на вкупно 37 осомничени, меѓу кои и министерот за одбрана Израел Кац и министерот за национална безбедност Итамар Бен Гвир, пренесува Анадолу.
Во соопштението се наведува дека како резултат на геноцидот и злосторствата против човештвото што систематски ги изврши Државата Израел во Газа, илјадници луѓе, вклучувајќи жени и деца, ги загубија животите, илјадници други се повредени, а станбените области станаа неупотребливи.
Во соопштението се потсетува на случајот со шестгодишното девојче Хинд Раџаб, кое беше убиено од израелски војници со 335 куршуми во 2024 година, како и на серија напади врз болници и други здравствени установи во Газа.
Како што е наведено, нападот на израелската морнарица во меѓународни води врз флотилата „Глобал Сумуд“, која транспортирала хуманитарна помош за Газа, претставува кршење на Конвенцијата на ОН за морското право.
Додадено е дека по истрагата е утврдено дека за време на апсењето и притворањето на членовите на флотилата се извршени злосторства како мачење, лишување од слобода и киднапирање.




