дома Македонија Политика Во Кочани нов „Марш за ангелите“

Во Кочани нов „Марш за ангелите“

Кочани повторно маршираше за да не згасне меморијата за 63-те млади чии животи ги однесе пожарот во дискотеката „Пулс“. Родителите и роднините денеска порачаа дека не протестираат, туку молчат за правда — да се слушне дека зад секој број стои име, семејство и болка.

-Не дозволувајте болката и гневот да станат уште поголеми, затоа што ако институциите продолжат да молчат, луѓето ќе ја изгубат вербата во системот. Исполнете ја вашата должност — не за нас, туку за нашите деца и за иднината на сите други што утре ке сакаат да живеат во држава со вистинска правда, порачаа родителите на починатите во „Пулс“ во своето обраќање пред медиумите.

Пред зградата на Основниот суд, мајка на починато дете во името на сите учесници на маршот, упати критика до Јавното обвинителство дека оваа институција не реагирала на тоа што уште пред три недели им биле доставени докази дека осомничено лице се сретнало со оштетен родител, што сметаат дека носи реална опасност да се влијаа врз сведоците и оштетените и да се загрози целата постапка и нејзината правичност. Тие најавија, дека во рок од една недела очекуваат јасен  и конкретен одговор за преземените мерки по доставените докази, во спротивно велат ќе преземат посилни јавни и организирани акции.

Првото судско рочиште за пожарот во дискотеката „Пулс“ ќе се одржи на 19 ноември, обвинети се 34 физички и три правни лица, кои се товарат за кривичното дело тешки дела против општата сигурност.  Како што информираа од Кривичниот суд Скопје, рочиштето ќе се одржи во судницата во КПУ Идризово, а предметот според Акмис системот е распределен кај судијката Диана Груевска-Илиевска.  Во пожарот во дискотеката во  Кочани што се случи на 16 март, годинава, загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени.

Пораката од маршот во Кочани е јасна: институциите да обезбедат правично и ефикасно судење, со јавно образложени одлуки и без одложувања. Во градот, меѓу белите балони и фотографиите на настраданите, повторно се отвори прашањето за одговорноста — од дозволите и надзорот, до контроли на безбедносните системи. „Ова општество не смее да молчи,“ велат родителите, додека Кочани инсистира сеќавањето да не се претвори во празен ритуал. И денеска недостасуваше поддршка од другите градови и граѓани на Македонија.

ПредходнаАлиу: Здравствените податоци на мобилен, а не со ќеси документи по лекарските врати
СледнаЃорѓиевски: Се чисти кејот на Вардар, се поставуваат украсни канделабри на плоштадот ,,Македонија“