
Оттогаш, многу дронови од непознато потекло ги попречија летовите и операциите во воздушниот простор низ Европа.
Белгија и Данска ги затворија аеродромите
Во Белгија, аеродромите во Брисел и Лиеж беа привремено затворени минатиот вторник откако беа забележани дронови. Поради ова, летовите беа пренасочени, а некои беа откажани следниот ден.
Белгискиот министер за одбрана, Тео Франкен, потврди дека се истражуваат и видувањата на дронови над воената база Клајне Брогел и неколку други воени објекти.
Во Данска, беспилотни летала го прекинаа сообраќајот на шест аеродроми во септември, вклучувајќи го и Копенхаген. Премиерката Мете Фредериксен го опиша настанот како „хибриден напад“ врз земјата.
Инциденти во Германија, Литванија и Полска
Германските аеродроми во Берлин и Бремен беа затворени поради видувања на беспилотни летала, а локалните медиуми објавија дека слични летови се регистрирани и над воените бази низ целата земја. Министерството за внатрешни работи на сојузната покраина Шлезвиг-Холштајн истражува сомневања за шпионажа и саботажа.
Во Полска, повеќе од 20 руски беспилотни летала влегоа во воздушниот простор на земјата во ноќта меѓу 9 и 10 септември. Потоа НАТО распореди борбени авиони Ф-35 и Ф-16, хеликоптери и системот за воздушна одбрана „Патриот“. Кон крајот на октомври, полски МиГ-29 пресретна руски извидувачки авион над Балтичкото Море.
Ширење на заканата кон север и југ од Европа
Во Естонија, три руски воени авиони останаа во воздушниот простор на земјата околу 12 минути на 19 септември пред да бидат пресретнати од италијански борбени авиони на НАТО.
Норвешка ги прекина слетувањата на аеродромот во Осло на 6 октомври по пријава за дрон, додека во Романија истиот месец беа подигнати борбени авиони поради дрон што ја преминал границата за време на рускиот напад врз Украина.
Во Шпанија, на 20 октомври, воздушните операции на аеродромот Палма де Мајорка беа привремено прекинати откако беа забележани дронови.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, ги нарече овие инциденти форма на „хибридна војна“. Иако не ја обвини директно Русија за сите случаи, таа рече дека целта на Москва е „да посее поделба во Европа“. Во меѓувреме европските дрѓави преземаат акции на сериозна заштита и превенција во поглед на подигање на нивото на безбедноста и менување на законските можности за поагресивно спротиставување на овие безбедносни провокации.




