Стотици мртви делфини се пронајдени во езерото Тефе во бразилскиот Амазон, откако екстремната суша и топлотниот бран предизвикаа температурата на водата да достигне неверојатни 41 степен Целзиус – потопло од џакузи.
Истрагата спроведена од научници го откри обемот на еколошката катастрофа што се случи во септември 2023 година, а нивните наоди беа објавени во престижното списание „Сајенс“, објави „CBS News“ .
Кога започна масовното изумирање на делфините, хидрологот Ајан Флајшман беше испратен на терен за да ја пронајде причината. Она што го откри неговиот тим беше зачудувачки: езерото се претвори во врел котел.
„Не можевте да го ставите прстот во водата“, изјави за АФП Флајшман, главен автор на студијата од бразилскиот институт Мамирау. Тој, исто така, се присети на „психолошкото влијание“ од гледањето трупови на амазонски делфини и тукукси, друг вид слатководни делфини.
Езеро потопло од џакузи
За само една недела, почнувајќи од 23 септември 2023 година, пронајдени се 153 мртви делфини, вклучувајќи 130 розови речни делфини и 23 тукукси. И двата вида се на Црвената листа на загрозени видови.
Тимот посетил 10 езера во централна Амазонија и открил дека пет имале екстремно високи дневни температури на водата кои надминувале 37 °C, додека нормално се смета за 29 до 30 °C. Најекстремното мерење е забележано во езерото Тефе, кое се намалило за околу 75%. За споредба, водата во џакузи обично е поставена на температура малку под 40 °C.
Поширока еколошка криза
Иако вниманието на јавноста беше насочено кон смртта на повеќе од 200 делфини за помалку од два месеци, тие беа само кулминација на поширока социо-еколошка криза. Рибите исто така умираа масовно, а имаше и цветање на фитопланктонот што го обои езерото во црвено.
Истражувачите, анализирајќи ги сателитските податоци на НАСА од 1990 година, откриле дека амазонските езера се затоплуваат за приближно 0,6 °C по деценија, што е побрзо од глобалниот просек.
Ваквите настани стануваат сè почести и посериозни како резултат на климатските промени. Една година по оваа катастрофа, во 2024 година, Амазон беше погодена од уште една рекордна суша. „Климатска вонредна состојба е тука, нема сомнение за тоа“, рече Флајшман.
Друга студија, објавена во списанието „Хидролошки процеси“, потврди дека сушите значително влијаат на екстремните температури на реките. „Зголемувањето на температурите на реките може да има значајни и честопати штетни импликации за водниот свет, влијаејќи и на поединечните видови и на цели екосистеми“, предупреди Дејвид Хана, коавтор на студијата и професор на Универзитетот во Бирмингем.




