Бразилскиот дипломат задолжен за климатската конференција COP30, Андре Кореа до Лаго, денес изјави дека богатите земји го изгубиле ентузијазмот за борба против климатските промени, додека Кина напредува во производството и употребата на опрема за чиста енергија.

„Падот на ентузијазмот од глобалниот север некако покажува дека глобалниот југ се движи. Не е само оваа година, се движи со години, но не е толку видливо како сега“, изјави Кореа до Лаго за новинарите во Белем, градот во амазонската дождовна шума каде што се одржува двонеделната конференција COP30, која започнува денес, објавува Гардијан.
Кореа до Лаго рече дека Кина, која е најголемиот емитер на стакленички гасови во светот, е исто така и најголем производител и потрошувач на нискојаглеродна енергија.
„Кина смислува решенија што се за сите, не само за Кина. Сончевите панели се поевтини, тие се толку конкурентни (во споредба со енергијата од фосилни горива) што сега се насекаде. Ако размислите за климатските промени, ова е добро“, рече тој. Министрите и високите функционери од 194 земји ќе се обидат да ги усовршат плановите на COP30 за да останат во рамките на или што е можно поблиску до ограничувањето од 1,5 степени Целзиусови за затоплување утврдено со Парискиот договор, да постават мапа на патот за постепено укинување на фосилните горива и да се обезбеди дека сиромашните земји ќе ја добијат потребната помош.




