Provereno

nie znaeme…

НБРМ: Финансискиот сектор е отпорен на шокови


Домашниот финансиски сектор добро се справи со глобалните предизвици и уште еднаш покажа дека е отпорен на шокови и има капацитет за справување со кризи, се заклучува во Извештајот за финансиската стабилност за 2022 година. На седницата на Комитетот за финансиска стабилност, одржана на 27 ноември, беше презентиран Извештајот за финансиската стабилност во Република Северна Македонија во 2022 година, а беа разгледани и активностите коишто треба да се преземат за спроведување на Законот за решавање банки.

На седницата на Комитетот, разгледувајќи ги показателите за различните сегменти од финансискиот сектор во 2022 година, беше нагласено дека финансиската стабилност е успешно задржана, и покрај сложените услови на работење на финансискиот систем. Вкупните средства на финансискиот систем растат и во 2022 година, но побавно. Беше заклучено дека и натаму е ограничена можноста за прелевање на ризиците помеѓу одделните сегменти на системот во услови на задржана едноставна структура на финансискиот систем, мала меѓусебна зависност и отсуство на посложени финансиски инструменти. Резултатите од стрес-тестирањето и посебните оцени и симулации за изложеноста на одделните сегменти на финансискиот систем на ризикот од промена на каматните стапки содржани во Извештајот укажуваат дека домашниот финансиски систем има капацитет за справување со шокови од поголем интензитет. Сепак, беше посочено дека неизвесното макроекономско окружување може да биде извор на ранливости за финансискиот сектор. Оттука, и натаму најважно е постојано да се јакне отпорноста на банкарскиот и на финансискиот сектор во целина, а ова е основната цел и на макропрудентниот мандат на финансиските регулатори обезбеден со новиот Закон за финансиска стабилност и на макропрудентните мерки коишто може да се преземат.

На седницата беше разгледана и Информацијата за потребните активности во врска со Законот за решавање банки. Kомитетот ги утврди подготвителните активности коишто треба да се спроведат од страна на институциите, за да може да се почне со примена на Законот во предвидениот рок, односно од октомври 2025 година.



Leave a Reply

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *