Околу 14 часот по локално време грчките земјоделци одново го затворија граничниот премин Евзони за влез и излез од Грција кон нашата земја, а според информациите блокадата се очекува да трае до 22 часот.
На грчката страна од границата паркирани се над 300 трактори, а блокада имаше и во текот на вчерашниот ден во претпладневните часови, како и од 18 до 22.30 часот, по што сообраќајот се нормализираше и сè до 14 часот се одвиваше непречено.
Низ цела Грција, земјоделците имаат поставено вкупно 14 блока со над 6.000 трактори, од кои два се на граничните премини Евзони (Богородица) и Ники (Меџитлија).
На Ники, блокадата денеска траела кусо, исто како и вчера и се однесувала само на товарни возила, а не и на автомобили.
Граничниот премин Дојран засега останува единствениот на кој нема блокади и сообраќајот за влез и излез од Грција се одвива непречено.




