Во Кавадарци денеска на 18. Конгрес на ВМРО-ДПМНЕ се очекува да биде реизбран Христијан Мицкоски за лидер на партијата, кој е и единствен кандидат за функцијата.
На Конгресот под мотото „Визија што гради држава – За генерацијата што доаѓа 2030“ се очекува да присуствуваат 2 600 лица, од кои 850-860 делегати и 1700-1800 гости и на него треба да биде донесена „Стратегија Македонија 2030“.

-Генерално, станува збор за документ што ја содржи визијата за тоа како ние, како ВМРО-ДПМНЕ, во моментов владејачка партија, а се надеваме и во периодот кој што го опфаќа овој документ до 2030-тата ќе биде така, ја гледаме Македонија и кои се столбовите на кои што ќе ја темелиме нашата политика и како политичка партија и како најголема политичка партија во рамки на Владата, рече завчера на брифингот со новинарите лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Мицкоски.
Според него, ова ќе биде до сега најмасовен Конгрес, ќа има и обраќања од неколку сестрински партии.
Мицкоски најави дека доколку биде избран тоа ќе биде негов последен мандат како претседател на ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи Статутот на партијата предвидува една личност да може да биде реизбрана за претседател најмногу три мандати. – И додека јас сум претседател, за тој услов за максимум број мандати што еден претседател на ВМРО-ДПМНЕ ќе ги има, немам намера да поддржам каква било иницијатива за промена на тој дел од Статутот, рече актуелниот партиски лидер и премиер Христијан Мицкоски.





